Општина Охрид: Исполнувањето на препораките од УНЕСКО за нас останува приоритет

Од Општина Охрид велат дека во предвидениот рок ќе испратат коментари на оваа првична верзија на извештајот, а официјален став околу нотираните препораки и заклучоци ќе го соопштат откако ќе пристигне конечната и финална верзија на извештајот. Во изминатиот период успеавме да направиме многу значајни чекори за зачувување на статусот светско природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Исполнувањето на препораките од УНЕСКО за нас останува приоритет, велат од Општина Охрид.

 |   | 

 

Во изминатите 18 месеци Општина Охрид како локална власт, но и во координација со другите надлежни институции и Владата континуирано и посветено работела на зачувување на природното и културно национално богатство на Охридскиот регион. Но , додаваат дека се работи за сложен процес, кој бара огромен ангажман, време и средства. И покрај тоа, спроведени се сериозни активности со кои се става крај на децениската деградација на овој регион, велат од општината во соопштение за јавност.

„Првпат е донесен сеопфатен План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, кој ги има опфатено сите аспекти во делот на управувањето со езерското крајбрежје, урбаните и руралните средини. Беа стопирани штетните проекти за изградба на ски-центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид-Св. Наум. Започна реконструкцијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново Јавно претпријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води. Исто така, првпат е воспоставена платформа за соработка со Република Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави“, велат од Општина Охрид.

Потсетуваат дека беше изготвен Инвентар на дивоградби и воведен времен мораториум за градење на целата територија на општината. Потенцираат дека за прв пат по 17 години беа спроведени активности за отстранување на бесправни градби на крајбрежјето.

„Активностите за отстранување на дивоизградените објекти ќе продолжат и во текот на наредниот период. Сите градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети. Со цел да се исполнат препораките на УНЕСКО во сферата на урбанизамот, Општина Охрид започна процес за изготвување на Урбанистички планови за 18 охридски села, како еден од најефикасните начини за борба со дивоградбите, обезбедување на соодветни услови за градење и развој на руралните подрачја.“ најавуваат од општината.

Во делот на другите препораки, ги набројуваат сообраќајниот режим во стар град, воведување постојана пешачка зона на дел од улицата „Кеј Македонија“, Студијата за валоризација на Студенчишко Блато заради прогласување за заштитено подрачје, но и отстранувањето на рекламните билборди и неавтохтоните палми. Од Општина Охрид велат дека во предвидениот рок ќе испратат коментари на оваа првична верзија на извештајот, а официјален став околу нотираните препораки и заклучоци ќе го соопштат откако ќе пристигне конечната и финална верзија на извештајот. Исполнувањето на препораките на УНЕСКО продолжува да биде еден од најважните приоритети на Општина Охрид и важен дел од работната агенда на градоначалникот и надлежните општински служби“, додаваат во соопштението.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top