Охриѓани го слават својот чудотворец Св. Еразмо

Православните христијани од Охрид и околината денеска и утре го слават светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец. По тој повод во манастирот Св.Еразмо во Охрид ќе има богослужба.

 |   | 

Од Дебарско-Кичевската епархија упатуваат апел до сите верници кои ќе присуствуваат на богослужбата и кои ќе го посетат манастирот деновиве, да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

Меѓу охридските чудотворци, свети Климент и свети Наум, почесно место му припаѓа на свети Еразмо. Свети Еразмо бил роден во Антиохија (Сирија). Точно кога бил роден не се знае, но живеел во времето на најсуровите противници на христијанството – царевите Диоклецијан (284-305) и Максимијан (286-305) т.е. пред официјалното признавање на христијанството од цар Константин (312).

Како архиереј патувал и го проповедал Евангелието па така стигнал и во Охрид. Откако го воскреснал синот на некој човек по име Атанас, крстил многу луѓе, а идолските жртвеници ги разурнал. Поради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан, кој му наредил да му се поклони на бакарниот кип на Зевс и да му принесе жртва. Но, Еразмо направил од статуата да излезе ламја и да го исплаши народот. По овој настан св. Еразмо крстил 20.000 луѓе, но по наредба на царот сите биле исечени, а Еразмо бил затворен. Но тогаш се јавил ангелот и го ослободил од затворот, како што многу порано го ослободил св. Петар. Св. Еразмо пред смртта се повлекол во една пештера и во молитви го минал животот. Починал во почетокот на IV век.

Во близината на Охрид има пештерска црква посветена на св. Еразмо Охридски, а во близина на црквата има вода за која се верува дека е лековита, особено на денот на светителот.

Со својата духовна моќ, св. Еразмо е присутен до ден-денес кога му се обраќа верник со крсниот знак искрено во неговиот храм, во секојденевниот живот каде и да се наоѓа. Токму затоа на неговиот празник уште одвечер (на 14 спрема 15 јуни) течат реки луѓе од сите страни во манастирот “Св. Еразмо”, но и секој ден цела година има посетители во него.

Секој посетител доаѓа во знак на благодарност за нешто на светецот, да се помоли да му поможе за здравје и среќа за себе и за фамилијата или со некоја посебна желба. Сите коишто му пришле искрено, со верба, немале лошо видено од тоа. Напротив, многу се усреќиле, виделе некое добро, психички се ослободиле. Свети Еразмо наградува, но и казнува.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top