Categories
Охрид

Охридското езеро ќе се штити со Декларација

Декларацијата за заштита на Охридското езеро за некои советници е неопходна, а за некои не.

Со Декларација ќе се штити Охридското езеро. Таа денес едногласно беше усвоена од Советот на општина Охрид кој oдржа вонредна седница поради алармантната состојба со езерото. Оваа тема уште на минатата седница ја отвори советникот од Вмро НП, Томе Гиноски кој рече дека замижувањето пред фактот дека се врши девастација на езерото е пикање на главата в песок. Гиноски денес не изрази задоволство од реализацијата на неговата иницијатива потенцирајќи дека веќе е касно за превземање мерки бидејќи туристичката сезона заврши.

За советникот Ранко Велјаноски  не е јасно зошто се  носи посебна декларација за заштита на езерото кога во  државната комисија за издавање на плажите под концесија има член од редовите  на локалната самоуправа кој  доколку увидел  неправилности  на одредени плажи требало да реагира до ресорното министерство. Велјаноски рече дека не само што вакви реакции досега немало до министерството, туку овој член за поголемиот број советници е анонимен. Претставникот пак на  Либералната партија, Љупчо Нечкоски рече дека сите плажи не треба да се стават во ист кош. Многу од нив не отстапуваат од пропишаните правила и ова е само барање влакно во јајце.

На седницата имаше претставници и од Хидробиолошкиот завод кои се и најкомпетентни да кажат каква е состојбата на езерото. Тие при давањето на плажите под концесија воопшто не биле консултирани како тоа ќе се одрази на флората и фауната во овој природен воден басен.

Проф. Д-р Здравко Крстаноски  од Хидробиолошкиот завод рече дека пет до дванаесет е нешто сериозно да се направи за заштитата на езерото. Тој ја поздрави  идејата за донесување ваква Декларација.

Инаку во  неа се наведени повеќе критични точки на езерото како: ниското ниво на водостојот, штетната близина на магистралниот пат Охрид – Св. Наум до езерото и сообраќаниот хаос, наглото зголемување на пловни објекти кои користат нафтени деривати, загрозување на екосистемот со уништување на трската и нејзиното неконтролирано ширење и депонирањето на цврст отпад на крајбрежјето, лошата состојба на пристаништата и каналот Студенчишта, безредието и неуреденостстана манастирскиот комплекс Св. Наум, нарушената автентичност на крајбрежјето и литоралниот дел со изградба на објекти без соодветна дозвола, како и за загадувањето на Охридското Езеро во делот од Лагадин до Свети Наум со отпадни води.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *