седница на совет

Охридските јавни претпријатија пред колапс

Советниците не ги усвоија Годишните извештаи за работењето за минатата година за ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Градски гробишта“.
 |  Валентина Неловска  | 

Јавните претпријатија и Локалната самоуправа тонат во финансиски загуби. Тие се соочуваат со тешкотии за исплата на тековни трошоци и за исплата на плати за вработените како резултат на работата на претходните раководства и на превработеност.

Енергетската криза, ценовните шокови со енергенсите и новата минимална плата само ќе ја влошат состојбата на претпријатијата. Сашо Донев, претседателот на Советот, упати критика на сметка на Владата затоа што во последниот пакет антикризни мерки нема помош за општините.

Сега со минималната плата и со новата цена на електричната енергија јавните претпријатија за многу кратко ќе бидат пред колапс. Не се во прашање милион или два денари туку во прашање се многу милиони денари и директорите на Јавните претпријатија заедно со Локалната самоуправа нема да можат да најдат начин како да ги сервисираат долговите – истакна Донев.

Советниците од мнозинството не дадоа зелено светло ниту за извештаите кој што се однесуваа на реализираните програми и проекти во изминатата година на општинските сектори и одделенија, а од говорницата упатија критики за нереализирани проекти.

Советничката Живка Ангелоска од редовите на Коалицијата на СДСМ потсети дека колегите од позицијата не треба да го минимизираат фактот дека во минатата година споредено со 2020 година во услови на тешка пандемиска криза успеале да реализираат голема приходна ставка во општинскиот буџет од 65 милиони денари.

Во реализацијата на приходната ставка таа изнесува 81 посто. Во една тешка кризна година, во избори и услови на пандемија од која се чувствуваат последици оваа иста општинска администрација на која и упатувам благодарност, успеа да реализира 81 посто од приходите – вели Ангелоска.

Покрај годишните сметки и Извештите за работењето во минатата година на Јавните претпријатија и Локалната самоуправа беа разгледувани и извешатите за финансиското работење на основните и средните општински училишта, како и отворениот граѓански универзитет за доживотно учење.

Меѓу 84-те точки на дневен ред беа и 20 точки од сферата на урбанизмот и легализација на бесправно изградени објекти.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top