Categories
Охрид

Охридскиот градоначалник не се плаши од затвор

Охридскиот градоначалник, не се плаши од обвиненијата упатени на негова адреса.

Нема основа за никаква кривична пријава, вели градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. Ова што го прават антикорупционерите е претенциозно. Се плашат од мојот личен успех како градоначалник, но и од успехот на општина Охрид. Ќе барам лично извинување од Мирјана Димовска, првиот човек на Антикорупциската комисија за мојот нарушен углед, но и за угледот на градот.

Поведувањето иницијатива за поднесување кривична пријава од страна на Комисијата за Антикорупција е неаргументиран чин кој има нејасни мотиви, вели градоначалникот Александар Петрески. Објавените забелешки заради кои се препорачува кривично гонење се целосно неосновани и освен нарушување на имиџот на општината и мојот личен углед не постои друга издржана логика, додава тој.

Првата забелешката на комисијата за работењето на општината е во врска со ангажирањето соодветно стручно лице за спроведување јавни набавки. Од локалната велат дека тоа не е нејзина законска обврска и не е должна да поднесе извештај по ова прашање. Водењето на регистар за јавни набавки е втората забелешка на антикорупциската комисија. Ова e законска обврска на општината па од таму велат дека ја испочитувале препораката на ревизорот и во моментов општината располага со регистар. За поведувањето иницијатива за поднесување кривична пријава од страна на Комисијата за Антикорупција, Петрески вели дека досега нема добиено официјален писмен допис и дека сето тоа е само информација пласирана преку медиумите.

Дел од нив веќе ме ставија и в затвор, кажува градоначалникот на Охрид. Петрески потенцира дека работата на општинската администрација постојано се чешла од државните ревизори.

„Ние сме под лупа во текот на цела година па дури и сега кога во тек е летната сезона и кога дел од административците се на годишен одмор. Нека не се плашат ревизорите, ние сме тука не бегаме, вели градоначалникот само нека се стрпат до наесен па нека прават контроли колку што сакаат“, додава тој.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *