Categories
Охрид

Охрид го слави празникот посветен на Светите Климент и Пантелејмон

Со свечена богослужба, поклонување пред моштите на гробот на светителот, бројните верници во Охрид го одбележаа празникот.

Илјадници верници, синоќа и денес, се упатуваа кон Свети Климентовата црква на Плаошник. Палејќи свеќи тие ги упатуваа своите молби кон заштитникот на Охрид- Свети Климент, посакувајќи здравје и благосостојба.
По шести пат, Централната прослава се одвиваше токму во Свети Климентовата црква на Плаошник. Верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на гробот на светителот.

„ Доаѓам секоја година на Плаошник да запалам свеќа и да се помолам за здравје. Ова е еден од најголемите верски празници“, вели жителка на Охрид.

Пред 6 години беше извршено осветување на возобновениот манастир, подигнат врз старите темели на храмот што самиот Свети Климент го изградил, посветувајќи го на Свети Пантелејмон.
Свети Климент е познат како заштитник на Охрид. Преданијата говорат дека секогаш кога над градот ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од страдања.

Македонската православна црква со особено внимание и гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски Чудотворец. Првиот македонски архиепископ, во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, е најзначајниот средновековен писател и педагог. Со својата активност и дело на повеќе полиња: црковно, просветно, книжевно, тој стана заслужен не само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *