Categories
Охрид

Во Охрид ова лето нема ниту еден регистриран случај на труење со храна

Oд месец мај до денес, Заводот за здравствена заштита  има направено анализа на 173 примероци на прехрамбени производи, а кај 38 од нив е утврдено отстапување од нормалните параметри.

Во Охрид досега за среќа нема ниту еден регистриран случај на труење со храна. Од Заводот за здравствена заштита велат дека од месец мај до денес имаат направено анализа на 173 примероци на прехрамбени производи, а кај 38 од нив е утврдено отстапување од нормалните параметри. „Тоа е висока бројка“ вели Сашо Точков, бромолог во Заводот за здравствена заштита. Со тоа се потврдува дека голем број од објектите каде се продаваат прехрамбените производи не ги задоволуваат потребните стандарди.Од ЗЗЗ апелираат инспекциските служби да вршат почести контроли бидејќи во споредба со лани бројот на земени мостри кои се доставени до заводот за испитување ова лето е помал за една третина.

Инспекторите пак се правдаат дека оваа сезона многу повеќе се на терен и преземаат мерки при секое прекршување на санитарните правила за работа. И покрај ваквото тврдење до досега ниту еден објект каде се продава или приготвува храна не е затворен иако  многу од нив не ги задоволуваат ни основните услови за работа. Во ваков случај граѓаните единствено можат самите да се заштитат на тој начин што нема да купуваат на непроверени места.

Од ЗЗЗ во изминативе три месеци имаат анализирано и 400 мостри на вода за пиење земени од градскиот и селските водоводи. Резултатаите покажуваат дека водата за пиење е со добар квалитет. Езерската вода пак ги задоволува стандардите потребни за одвивање капалишни активности. Според последните испитувања направени на крајот на јули  нејзиниот квалитет е од прва и втора категорија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *