Охрид го одбележа Европскиот ден без автомобили

Охрид е мал по површина и затоа користењето на автомобили треба да се сведе на минимум. Оваа порака до сите граѓани ја упати градоначалникот Никола Бакрачески, денес, на одбележувањето на Европскиот ден без автомобили, кој годинава е под мотото „Паметна и одржлива мобилност, влог за Европа“

 |  Николоска Биљана  | 

 

Секојдневните работни активности може да се реализираат без автомобил. Оваа порака денес ја испратија охридските велосипедисти до своите сограѓани и сите граѓани во Р. Македонија. Со цел зајакнување и подигање на свеста на граѓаните за здравјето, квалитетен живот и здрава животна средина, нашиот град го одбежа Европскиот ден без автомобили. По тој повод во организација на Локалната самоуправа односно Секторот за заштита на животна средина и управување со отпад, се одржа дефиле низ охридските улици. Во првиот ред на велосипедистите застана градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој го означи и стартот на дефилето.

„Денес е навистина ретка прилика и можност Охрид да се вклучи во една Европаска иницијатива која што во исто време претставува дел од современиот начин на живеење, со која ќе дадеме значаен допринос во зачувување на човековата околина од една страна и од друга страна во промоција на здрави животни навики, спорт и рекреација“ – вели Бакрачески.

Иницијативата за одбележување на Европскиот ден без автомобили поддржан е и од СВР Охрид и Општинскиот Совет за безбедност. Претседателот Стефан Димоски нагласи дека сите денови треба да бидат одбележувани со помасовно присуство на велосипедисти низ улиците во Охрид, со што ќе се допринесе кон развој на урбаниот велосипедизам а посебно кон здравиот начин на живот, но и да се прошири велосипедската инфраструктура во градов.

„Прилично е напредната активноста на Локалната самоуправа во насока на обезбедување на соодветна велосипедска инфраструктура во градот. Но сметам дека има простор за уште поголем напредок во оваа насока и дека во иднина ќе треба многу повеќе ангажман да се насочи кон обезбедување на велосипедски патеки и за побезбедно одвивање на сообраќајот и на велосипедистите низ градот. Да напоменам дека Општинскиот Совет за безбедност во својата програма и за оваа година го вметна проктот „Велосипедска патека за секоја охридска улица што практично значи софпаѓање со намерите и на Локалната самоуправа да се збогати велосипедската инфраструктура во градот“ – изјави Димоски.

Пред општинската зграда одзивот на велосипедистите беше масовен. Дождот не ги спречи да ја реализираат предвидената велосипедска маршута низ охридските улици, кои денес два часа беа затворени за сообраќај.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top