Охрид домаќин на натпреварот по меѓународно хуманитарно право, “Жан Пикте“

Синоќа во х.Метропол, започна 30 јубилејно издание на реномираниот интернационален натпревар по меѓународно хуманитарно право, “Жан Пикте“.

 |   | 

Синоќа во х.Метропол, започна 30 јубилејно издание на реномираниот интернационален натпревар по меѓународно хуманитарно право, “Жан Пикте“. Во  наредните седум дена 48 тимови од 29 земји со 144 учесници – студенти, ќе се натпреваруваат во решавањето на дадени кризни ситуации, со менување на улогите во процесот. Во присуство на амбасадорите на Франција и Швајцарија, Кристијан Тимоние и Сибил Сутер Терада, во името на градот домаќин, пред присутните се обрати градоначалникот Јован Стојаноски, кој посакувајќи им добредојде на високите гости и студентите , рече дека е голема честа што организаторите го избрале Охрид да биде домаќин на ваков реномиран меѓународен собир.

Убеден сум дека во наредните 5 дена учесниците ќе имаат  неизвесен и квалитетен натпревар, а уникатниот пристап и симулацијата во која се менуваат улогите на актерите во дадена ситуација, ќе ви донесе плодна дебата, проширување на вашите знаења и стекнување на вредни искуства и искрени пријателства.
Уважени присутни, Ве поканувам и покрај сите ваши обврски, да најдете време да го разгледате Охрид. Нашиот град, е град на светлината, со повеќе милениумско  цивилизациско битисување на различни културни пластови, на антички споменици, на бројни цркви и манастири. Град на питоми и гостопримливи луѓе, град кој ќе ве плени со својата непосредност и неодолива привлечност. Понесете  и вие еден мал дел од неговата магичност, за пак да ни дојдете во Охрид. На натпреварот нека победи најдобриот тим, а сите учесници посакувам од Охрид да понесете искрена убеденост, дека вие сте утрешнината за еден посовршен свет за човештвото – истакна во своето обраќање градоначалникот Стојаноски.

Натпреварот “Жан Пикте“ е поддржан од Амбасадата на Франција, Меѓународниот Комитет на Црвениот Крст и Министерството за надворешни работи на Швајцарија. Финалето на натпреварот ќе се одржи во петок, на 30 март, а најдобриот тим ќе биде награден од жирито со кое ќе претседава вториот заменик-претседател на Меѓународниот кривичен суд, Марк Перен де Бришамбо.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top