Categories
Охрид

Нова можност Охрид да се исчисти од пластичниот отпад

Стартува проектот “Недела на рециклирање“. Предвидени голем број акции за чистење на најзагадените локации во Охрид и Струга.

Охридската ривиера ќе се чисти од пластична амбалажа и останатиот пластичен отпад. Во екот на туристичката сезона Охрид е најпосетен од домашни и странски туристи, поради што употребата на ПЕТ амбалажата е многукратно зголемена. Во текот на оваа недела предвидено е да се одржат повеќе еколошки акции на потегот Охрид-Градиште. Еден ден е предвиден за чистење и на струшкото крајбрежје.

Целта на овај проект е да се создадат механизми за примарна селекција и рециклирање на пластичниот отпад. Посебен акцент се става на активностите за подигање на јавната свест на граѓаните, кои се директни загадувачи со овој вид на отпад. Инаку, акцијата “Недела на рециклирање“ претставува втора фаза од проектот што го спроведуваат УСАИД и Општина Охрид. На 19-ти Јуни оваа година, двете страни потпишаа Меморандум за разбирање со што официјално стартуваше првата фаза. Доколку успешно се спроведе овој проект, ќе се реши еден голем проблем во градов, вели Хавза Реџеп Какел, координатор на проектот во Општина Охрид.

Во имплементацијата на овој проект е вклучено и Јавното претпријатие “Комуналец“. Од таму велат дека и досега вршеле собирање на ПЕТ амбалажата, за која имаат обезбедено привремен склад и преса со која ќе ја обработуваат истата. Позитивно го оценуваат вклучувањето на повеќе страни во акцијата, со што резултатите ќе бидат многу подобри.

И покрај најдобрите намери на инволвираните страни за успешно реализирање на овој проект, реалните резултати од него охриѓани ќе можат да ги почувствуваат за две до три години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *