Categories
Охрид

Се оддолжи изградбата на новиот плоштад кај некогашната библиотека

Во тек се истражувачко конзерваторски работи кои треба да завршат до средината на Август. Нов плоштад ќе се гради дури од наесен.

Изградбата на новиот  плоштад на местото на некогашната библиотека кој требеше да биде готов до почетокот на главната туристичка сезона, не е ни започната. Сеуште на овој потег се вршат истражувачко- конзерваторски работи. Направено е комплетно снимање на  состојбата и изработен е проект. Во тек е ископувањето околу темелните зидови на Самоиловата тврдина за да се види нивната состојба по што ќе се започне со нивна конзервација. До средината на Август треба да заврши комплетната санација од кулата до улицата Коста Абраш, вели Тања Паскали Бунташеска, директорката на Завод и музеј.
  
Инаку, новиот плоштад треба биде поврзан со Горна порта, а пешачката патека  ќе ја гради локалната самоуправа. Овој простор ќе се користи за разни културни манифестации, а ќе биде оплеменет со  неколку споменици. Од Завод и музеј велат дека од почетокот на годината паралелно работат на повеќе значајни проекти. Во завршна фаза е реставрацијата на џамијата Хаџи Дургут, промената на столаријата на северната страна на куќата од Робевци, се работи на конзервацијата на живописот на Св. Богородица Перивлепта, во завршна фаза е и изготвувањето на проектот за статичко зајакнување на куќата на Уранија, се врши конзервација и ревитализација на амамот Воска. Во понеделникот започнаа археолошки ископувања на Самоиловата тврдина и ќе траат до крајот на Август. За сите овие проекти од министерството за култура издвоени се петнаесет милиони и двеста триесет и пет  илјади денари. Од Завод и музеј очекуваат министерството да им одобри и дополнителни средства, а веќе е најавено дека ќе добијат пари од Септември да започнат со конзервација на куќата на Уранија.
 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *