Од утре овластени лица и полиција на рампите

Проектот со редуцирање на сообраќајот и ограничувањето на влезот во стар град со рампи е добро решение и во иднина ќе се работи на негово подобрување, велат од локалната и најавуваат од утре присуство на овластени лица и полиција на рампите. Велат дека го разбираат револтот кај дел од граѓаните и апелираат на смиреност и почитување на сообраќајните прописи и правила.

 |   | 

Локалната самоуправа работи во интерес на сите граѓани и во таа насока ги носи решенијата. Проектот со редуцирање на сообраќајот и ограничувањето на влезот во стар град со рампи е добро решение и во иднина ќе се работи на негово подобрување. Ова беше кажано денеска на прес конференција од страна на Зоран Шикалоски од Секторот за комунален развој, сообраќај и улици. Тој призна дека системот кој почна да функционира вчера има проблеми.

„Имавме одредени проблеми и несогласувања посебно кај Горна Порта. Знаете дека на тој потег и без рампи сообраќајот се одвива отежнато поради тоа што влезот во Горна порта има одредени димензии каде можат да сообраќаат само еден ред на возила. И досега, пред да се постават рампите некој требаше да почека за друг да помине. Проблемот, најверојатно, настана во моментот кога имаше возила во стариот дел на градот кои немаа картички и не можеа да излезат и не можеше да се врши двонасочен сообраќај.“- објасни Шикалоски.

Поделени се 800 картички на жителите на стар град, лица кои живеат во други градови но имаат куќи во стар град, на доставувачи на стока, станоиздавачи, на лица кои работат во тој дел како и на Брзата помош, СВР, ТППЕ како нивните специјални возила непречено би влегувале во стар град. Од локалната ги повикуваат сите кои имаат потреба од картички да се обратат во ЈП „Билјанини Извори“.

„Ние од утре ќе пристапиме кон реализација на проектот. Во меѓувреме ги повикавме и фирмите кои работеа на овој проект и фирмите кои ја монтираа опремата и правиме напори и овој момент каде што се врши еднонасочен сообраќај да го регулираме на начин да дадеме една функционалност на тој дел од градот. Ќе имаме присуство на овластени лица на рампите и денеска имавме состанок и со СВР Охрид и  договоривме и присуство на полициај на двете рампи, така што мораме да го регулираме движењето во стариот дел на градот.“- кажа Шикалоски.

Од локалната апелираат на смиреност, на почитување на сообраќајните прописи и правила и сметаат дека со заеднички ангажман на граѓаните, локалната и полицијата, сите проблеми ќе бидат надминати. Шикалоски  потсети дека Режимот на сообраќај  и редуцирањето на движењето на возила во Стар град се заснова на анализа и микросимулација на сообраќајот во централното градско подрачје. Снимањето на сообраќајот за изработка на симулацијата покажа дека уличната мрежа во стар град не го поднесува обемот и интензитетот на сообраќај во тој дел а посебно во летниот период. Згора на се и реактивната мисија на Унеско даде препорака во Стар град воопшто да нема моторизиран сообраќај.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top