Новогодишни честитки потсетник како во минатото охриѓани си ја честитале Нова година

Некогашни Новогодишни честитки се чуваат во депото на охридскиот архив. Тие се потсетник како во минатото охриѓани си ја честитале Нова година. Пред 7 децении честитките се порачувале кај фотограф и се испраќале на блиски луѓе.

 |  Валентина Неловска  | 

Примероци од Новогодишните честитки се чуваат во депото на охридскиот Историски архив од повоениот период. Во пред новогодишниот период се потсетуваме на начинот како охриѓани некогаш си ја честитале Нова година, потсетува в.д. директорот Никола Митровиќ. Зачувани се новогодишни честитки од пред 7 децении помеѓу најразличните документи од минатото .

„Честитките биле создадени од некои фотографи како што бил Коста Андоноски. Процедурата била едноставна.Позначајните личности или претпријатија побарувале од фотографот да направи еден концепти и да направи фотографија од претпријатието или личноста на која ќе стои натпис на Новогодишната честитка, нормално со натпис Среќна Нова. Ние тука имаме новогодишни честитки од 1950 се до 1963 година“.

Со досегашните истражувања во ризницата на архивот се пронајдени честитки само од охирдскиот фотограф Коста Андоноски. Новогодишните честитки биле нарачувани од тогашните претпријатија како Галеб, Витаминка, Железничката станица, Летница, но и од претпријатија од други општини, набројува Митровиќ.

„Самите претпријатија ги набавувале како пропаганден материјал. Честитките ги раздавале на луѓето кои им биле важни. Различен бил концептот на кој подоцна доаѓаат цртани мотиви со зимска идила, Дедо Снешко и т.н. Ова била нарачка која им се давала на пријателите “.

Во историскиот архив има фотографии и од една друга новогодишна традиција. Од Охридската болница се зачувани фотографии на кои се прикажува како Дедо Мраз им дели пакетчиња на болните дечиња од детското одделение со желби за добро здравје, среќа и радост, традиција која се практикува и денес.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top