Categories
Охрид

Од наесен Охрид ќе добие две концертни сали

Музиколозите од градов бараат соодветен простор за одржување на музичките настани .Од Локалната ветуваат дека од наесен започнува решавањето на овој проблем.

 

Охрид, најголемиот културен центар на Македонија нема концертна сала. Во летниот период во нашиов град се случуваат над десетина музички настани за чие одржување се бараат алтернативни простори. На крајот на август за прв пат ќе се одржи Хорски фестивал на кој ќе учествуваат над 60 хорови од 140 земји во светот.

 

„Тие ќе настапат во катедралната црква Св. Софија и католичката црква Св. Кирил и Методиј“, вели професор Александар Димовски, претседателот на хорски фестивал бидејќи нема посоодветен простор во градов. Тој кажува дека локалната најавувала изградба на концертна сала кај Основното музичко училиште „Методиј Патчев“.

Градоначалникот потврдува дека навистина постоела ваква идеја, но тој додава дека истата нема да се реализира. Општината сега има други планови. Поради потребата Охрид да има средно музичко училиште, локалната реши да изгради нов објект каде ќе бидат сместени основното, средното музичко и концертна сала наменета за настани од помал обем. Новиот музички центар по се изгледа ќе биде подигнат на местото на сегашната детска градинка „Лихнида“.

На Охрид, покрај концертна сала од ваков тип потребна му е и голема сала за одржување на грандиозни проекти.

„Градов како домаќин на најреномираниот фестивал, „Охридско лето“ мора да има еден ваков простор“, вели музичкиот селектор на фестивалот Проф. Гордана Јанкуловска Неделковска.

Таа додава дека секогаш отварањето на „Охридско лето“ предизвикува стресни ситуации бидејќи се случува на отворена сцена во Античкиот театар, а временските услови многу често знаат да бидат неповолни.

Од локалната велат дека набрзо ќе се надмине и овој проблем. Со изградбата на конгресниот центар на малиот полигон зацртана е и изградба на универзална сала која ќе е наменета токму за вакви грандиозни настани. Градоначалникот Александар Петрески најавува дека реализацијата на двата проекти ќе започне кон крајот на септември.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *