Categories
Охрид

Џеси Норман го отвара „Охридско лето“

Отварањето на оваа реномирана културна манифестација ќе биде без директен пренос на македонската телевизија

Настапот на една од најскапите сопранисти,- оперската дива Џеси Норман на вечерашното 48 -мо издание на „Охридско лето“ македонската јавност нема да може да го следи директно преку Македонската телевизија.

Директниот пренос ќе биде прекинат по најавеното обраќање од страна на покровителот на манифестацијата претседателот Бранко Црвенковски и ќе се вклучи повторно на крајот на настапот.

Концертот ќе биде снимен и ќе се емитува потоа,но јавноста на свеченото отворање на фестивалот ќе мора да се задоволи со тоа што е дадена можност настапот да се следи на видео-бим поставен на градскиот плоштад во Охрид.
Дирекцијата на „Охридско лето“ не открива за колку пари ја донесе Норман на фестивалот, велат дека тоа е деловна тајна. Сепак додаваат дека успеале да се испазарат светскиот сопран да пее за двапати пониска сума од побараната. Џеси Норман, која за време на својот престој во Охрид ужива претседателски третман, доставила 30 страници долга листа на барања.

Дивата побарала во апартманот и во автомобилот да има озонери, но не и клима уред. Според списокот на желби- Норман си обезбедила угоден престој, навела дури и како да биде среден и амбиентот во кој ќе престојува. Дирекцијата на Охирдско мораше да се погрижи за димензиите на масичките и огледалата, бројот на тоалетните ламби па и дури и 4-те пенкала кои мора да ги има пред себе кога ја интервјуираат. Што се однесува до исхраната, бананите, грозјето без семки, и јаболков сок се задолжителен дел од нејзиното мени. Џеси Норман побара да ја вкуси и охридската пастркма.

Инаку „Од Америка со љубов“ е насловот на концертот со кој таа ќе настапи на сцената со дела од Бернштајн, Гершвин, Вилјамс, Њутн, Кер и традиционални песни.

На 40 минутниот концерт ќе ја придружува оркестарот на Македонската филхармонија и на Операта, под диригентска палка на Рејчел Ворби.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *