Охрид се приклучи кон одбележувањето на големиот национален празник Илинден.
Во рамки на прославата, градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, свечено пушти во употреба 7 улици. Дел од нив делумно беа реконструирани, а врз останатите беше извршена целосна санација.
Симболично во употреба беа пуштени улиците: „Момчило Јорданоски“,, „Даме Груев“, „Партизанска“, „Спас Банџов“, „Дејан Војвода“, „Бистрица“, и „Хаџи Мустафа“.
Прославата беше заокружена со коктел во еден од ретките, убаво уредени дворови во градов, на плаво-белите згради на влезот од Охрид, каде неодамна беше изградено и спортско игралиште.
„ Намерата ни беше да кажеме како треба да се уредува еден двор и како треба да функционира соработката помеѓу Месните заедници и Локалната самоуправа. Ние ќе ја подржиме секоја иницијатива за уредување како оваа“, потенцира градоначалникот Петрески.
Инаку, централната прослава на празникот Илинден се одржа вчеравечер во селото Велгошти.
„ Прославата ја започнавме во Велгошти, а ја заокружуваме со денешниот Мал маратон“, рече градоначалникот.
Петрески, за претстојниот верски празник Пресвета Богородица, најави пуштање во употреба на уште неколку инфраструктурни зафати, реализирани од страна на Локалната самоуправа.