Конечно инспекциските служби го расчистија плоштадот од недозволено поставените столици и маси.
Десетина кафулиња, повеќе од два месеци буквално го узурпираа центарот на Охрид, а инспекторите им прогледуваа низ прсти. Утрово, претставници од општинскиот инспекторат и полицијата, отстранија околу 150 столици и маси заради непочитување на обврските кон Локалната сaмоуправа.

Сопствениците не плаќаа комунална такса за поставување на урбана опрема на јавна површина. За оваа намена, газдите на угостителските објекти дневно треба да плаќаат по 15 денари за метар квадратен. Но, поради ненавремено подмирување на обврските, сега тие на општината и должат 600 000 ден.

Тројца од сопствениците на кафулињата на градскиот плоштад, во претпладневните часови го подмириле својот долг, а до крајот на денот се очекува да платат и останатите. Доколку не го сторат тоа денес или најдоцна утре, ќе останат без  урбаната опрема и тоа во пресрет на втори август, кога во Охрид се очекува да има зголемен број гости. Покрај тоа што треба да платат, сопствениците на кафулињата треба и да се обврзат дека конечно ќе ги почитуваат правилата и нема да поставуваат маси и столци надвор од зацртаната линија.

Меѓу запленетата опрема се најдоа и столиците и масите од едно кафуле, чиј сопственик го подмирил долгот кон општината. Од инспекторатот велат дека грешката е увидена, па опремата уште денес ќе биде вратена. Од таму најавуваат дека во наредниов месец ќе се вршат поригорозни контроли, а во нив ќе бидат вклучени инпектори од пазарната инспекција, УЈП и Дирекцијата за храна.
 

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: