TVM

Фестивалска магија и организациона замаеност

TVMИ по 50 години никако да се научиме како да организираме фестивал без пропусти.

И по 50 години никако да се научиме како да организираме фестивал без пропусти. И на отварањето на златното, јубилејно издание на светски познатиот фестивал, „Охридско лето“, работите на организаторите не им тргнаа во посакуваната насока. Откако во пет до дванаесет беше разрешен првиот човек на фестивалот, Тони Симоновски, за негов наследник беше назначен Васил Зороски. Именувањето на Зороски за вд директор уште во првите денови се покажа како лош потег, кој навестуваше дека ова издание на фестивалот нема да помине без пропусти. Доцнењето на картите во продажба, измената на идејното решение за постерот во последен момент, неиздавањето на најавента поштенска марка се само дел од неажурноста на првиот човек на фестивалот.

Како да не беше доволна внатрешната организациска неподготвеност на фестивалската управа, капак на се беше и педофилскиот скандал на маестро Михаил Плетњев, кој го отвори фестивалот. Публиката, која и покрај се дојде да го види Плетњев, да го слушне рускиот национален оркестар , како и да ужива во изведбата на маестро Симон Трпчевски, цела вечер беше во исчекување што и кога ќе се случи бидејќи недостасуваа програми за вечерта, кои по правило треба да бидат обезбедени за присутните. На нашето барање за објаснување на што се должи овој пропуст, Зороски не упати до еден од хонорарно ангажираните лица во фестивалот. Оправдувањето беше дека нивната проценка за бројот на гостите кои ќе дојдат на овој најзначаен културен  настан е  2000 посетители, па според таа проценка отпечатиле и толку  примероци од програмата. Ако се земе во предвид дека на античкиот театар има место за 3000-3500 посетители и дека се работи за свечено отварање на јубилејно издание, се прашуваме кој бил тој што направил ваква нелогична проценка. А и реалната слика на поголемиот број посетители на синоќешното отварање, кои во рацете наместо програма имаа само ладала од спонзорот Охридска банка,  не покажа дека има 2000 отпечатени примероци.

На почетокот на програмата водителката најави дека ќе има изненадување на вечерта, но него половина од публиката не го виде, бидејќи си заминаа веднаш по напуштањето на сцената на Трпчески и Плетњев, мислејќи дека тука е крајот на програмата. Можеби логично беше, по затемнувањето на сцената да се најави дека следува перформанс на десет македонски актери.  Делот од публиката што остана, можеше да ужива во сегментите од неколку македонски претстави, изведувани во рамките на минатите изданија на фестивалот „Охридско лето “, а во режија на Иван Попоски и Зоја Бузалковска. Вистинско пријатно изненадување приредија и последните учесници на синожешната програма, групите Урбан Мувмент и Паркоур, кои со својот танчерско егзибиционистички перформанс ја оставија публиката без здив. За нивната изведба организаторите разбрале вчераутро, само на неколку часа пред отварањето на феативалот, што претставува уште еден пример дека се работи за голем број на импровизации и тоа на 50 јубилејно издание на фестивалот.

Како посебен детал на вечерта, кој не остана неприметен, беше кранот за манипулација со лед дисплејот. Рака на срце, идејата беше одлична но нели можеше да се изведе поинакво техничко решение, за сето тоа да доликува на свечената атмосфера на овој посебен момент.

И за крај, и овде политиката замеша прсти.На златниот јубилеј по повод 50 годишнината од отварањето на „Охридско лето“ не беше забележано  присуството на првиот човек на Охрид, градоначалникот Александар Петрески. Тој во телефонски разговор за ТВМ рече дека НУ фестивалот „Охридско Лето“, кое е под  Министерството за култура, официјално не и врачило покана на Локалната, со што според петрески,  министерството ја бојкотира општина Охрид. Додаде дека во иднина и од страна на општина Охрид ова министерство ќе биде бојкотирано.

{loadposition content9}

kritiki, leto, Ohridsko, organizacija, критики, лето, организација, Охридско

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *



© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top