• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Фармерите и малите производители ќе можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи

Фармерите и малите производители ќе можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи

Притоа, ќе мора да ги исполнат соодветните хигиенски и безбедносни критериуми пропишани во новиот Правилник. Ова денес на прес конференција го промовираше Агенцијата за храна и ветеринарство.

 |   | 

Правилникот е донесен во средината на минатиот месец, а ќе почне да се применува од почетокот на септември и има за цел малите производители легално да ги продаваат своите производи за кои ќе ги гарантираат барањата за безбедност на храната.

-Фармерите и малите производители сега ќе можат да произведуваат производи од животинско потекло согласно условите што треба да ги исполнат и нема да зависат од откупувачите, бидејќи ќе може да ги пласираат до крајните потрошувачи или да ги понудат во некој маркет. Целта е да се олесни, односно да можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, но притоа мора да ги задоволат одредените хигиенски критериуми согласно Правилникот, рече директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

Деталното регулирање на ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло како што се месото, млекото и нивните преработки, конзумните јајца и рибата се основа и поддршка за развој на малите производители на храна од животинско потекло.

-Новина во Правилникот е можноста за продажба на млекото преку млекомати, за што, производителите ќе треба да ги исполнат највисоките критериуми за безбедност и квалитет. За колење на животните директно на фарма производителите ќе можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Сега регулирано е и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, појасни Ванчо Новоселски, раководител на Сектор за инспекциски надзор при АХВ.

Правилникот дава можност примарните производители на мед сега да го пласираат производот на целата територија на државата. Производите согласно овој правилник треба да бидат означени, односно да ги содржат основните информации за потеклото, производителот, рокот и начинот на чување, со цел да се воспостави лесна следливост на производите, рече Заменик директорот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Борче Петковски.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top