Categories
Охрид

Езерото на еколошки маки поради големиот број глисери, скутери и бродови

„Државата и градот под итно мора да направат нова стратегија за заштита на езерото, бидејќи сите пловни објекти користат горива кои го загадуваат езерото“, велат од министерството за екологија.

Глисери, скутери, бродови и останати пловни објекти го запоседнаа езерото. Според податоците со кои располага Oхридската капетанија најзастапени се глисерите, од кои триесетина се регистрирани на странски државјани. Првиот човек на Охридската капетанија, Љупчо Настоски, вели дека голем дел од туристите кога доаѓаат на одмор во Охрид, со себе го носат и сопствениот пловен објект. Ова лето само во изминатиов месец и половина во државава регистрирани се 660 нови пловни објекти. Зголемениот број на вакви објекти предизвикува нов еколошки притисок врз езерото. Сите од нив користат горива кои го загадуваат езерото. Државниот секретар на Министерството за екологија и просторно планирање, Дејан Паноски вели дека овој проблем во наредните години уште повеќе ќе се зголеми.

Тој потенцира дека доколку дојде до некаква хаварија на пловен објект и се излее нафта во езерото потребни се најмалку 80 години за негово самопрочистување. Паноски апелира, Охрид а и државата под итно да направат нова стратегија за заштитата на езерото. Во иднина да се лимитира бројот на пловните објекти кои ќе сообраќаат по езерските води и точно да се одреди видот на пловилата, а идејата која започна пред неколку години за користење био горива мора да се реализира.

„Во голема мера ќе се надмине овој проблем со примената на новата стратегија на државата во делот на туризмот“, смета Паноски. Тој потенцира дека конечно треба да се дефинира каков вид на туризам ќе се развива во Охрид.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *