Categories
Охрид

Под итно треба да се стопира уништувањето на крајбрежјето

„Дел од закупците на плажите не ги почитуваат одредбите од договорите за закуп“- реагираат советниците.

 

Советниците бараат Владата и Министерството за транспорт и врски под итно да превземат мерки за спречување на понатамошното уништување на крајбрежјето.  

Дел од закупците воопшто не ги почитуваат одредбите од склучените договори за закуп. Се градат цврсти градби на брегот. Се поставуваат бетонски и метални платформи во езерото кои го загрозуваат опстанокот на флората и фауната- се дел од забелешките на советниците. Според советникот Ранко Велјаноски, поради трката за профит , поединци не избираат средства и посегнуваат по езерото. Ќе одиме до крај да го заштитиме, вели Велјаноски.

Советниците реагираа и на брзината со која пловните објекти се движат по езерото со што се загрозува безбедноста на капачите. Томе Гиноски, советник од ВМРО- НП, смета дека водите на Охридското езеро се разбранувани од пловни објекти, кои се движат без некаков ред и со огромна брзина. При тоа, уништувајќи го и живиот свет во езерото.
Советниците побараа надлежните да превземат мерки и за спречување на уништувањето на водната трска.

Советникот Бранко Трпчески потенцира дека од месноста Андон Дуков до Подмолје, континуирано се врши уништување на животинскиот и растителниот свет, при што се врши и палење на водната трска.
Советниците на денешната седница усвоија заклучок во кој се содржани ваквите забелешки. На наредната седница, се очекува да се усвои и Декларација за заштита на Охридското Езеро која ќе биде проследена до Владата, Парламентот, Претседателот на државата, но и до канцеларијата на Унеско.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *