BeeNet.mk ги поврзува локалните производители на мед со купувачи од целата земја

BeeNet.mk е интернет платформа која ги поврзува малите локални производители на мед со купувачи од целата држава. Платформата им нуди на пчеларите можност полесно да го пласираат својот мед, да ја зголемат својата конкурентност на пазарот и да уживаат во својата работа рентабилно намалувајќи го падот на популацијата на пчелите. Со купувањето на локален мед пак, граѓаните ги поддржуваат малите пчелари кои се исклучително важни за одржување на популацијата на медоносната пчела и биодиверзитетот. БиНет е идеа и проект на компанијата Macedonian honey, а поддржана од Амбасадата на Словачка.

 |   | 

Најголем број од локалните одгледувачи на пчели, медот го продаваат од куќен праг. Со Правилникот за ваква продажба кој почна да се применува од септември 2019 година на производителите на мед и пчелни производи им се даде можност да вршат директна продажба на крајните потрошувачи на целата територија на државата со соодветни ознаки и информации за потеклото и составот на производот. Но потрагата по купувачи им одзема на пчеларите добар дел од времето кое место на пчелите треба да го посветат на маркетинг, рекламирање преку интернет и други начини на пласирање на медот.

Се рекламираме на фејсбук профилите, лични и од профилите на здруженијата и разни групи. Тоа ни е од голема корист, граѓаните бараат природен мед, сакаат да пробаат мед од разни подрачја. Охридскиот мед е специфичен по вкус и мирис, доста е квалитетен, така што луѓе од целата држава сакаат да го вкусат – вели Тони Јосифоски од Здружението на пчелари Охрид.

Но пчеларите се соочуваат со низа проблеми како злоупотреби на туѓ бренд при онлајн продажбата преку фејсбук, конкуренцијата од големите производители и увозен мед на рафтовите во маркетите. Со цел да се поддржат малите локални пчелари преку поедноставување на продажбата и пласманот на мед, старт ап компанијата Macedonian honey ја создадоа интернет платформата BEENET.mk. Целта на проектот поддржан од Slovak Aid е создавање на една мрежа од пчелари и купувачи кои се во потрага по природен мед од локално потекло.

Наидуваме на проблеми со кои се соочуваат пчеларите во поглед на пласман и продажба на медот. Освен на зелените пазари, малите производители на мед немаат други начини како да го продадат медот. Па затоа решивме да направиме една продавница која што ќе работи 24/7, со која на сите такви мали локални пчелари ќе им помогнеме да го пласираат својот производ до пошироката јавност. Од друга страна и купувачите на мед се соочуваат со проблем при наоѓање мед, а да не е тоа медот од големи компании кој го има по маркетите или увозен мед – истакна за ТВМ Елена Фиданоска, сопственик на Macedonian Honey.

Платформата постои околу 9 месеци и веќе има над 100 пчелари, а интересот секојдневно се зголемува. Нема трошоци за учество на платформата, нема членарина или провизии за продажба – ваш мед, ваш труд, ваша заработка, вели Фиданоска. Од друга страна пак, граѓаните на едноставен начин можат да набават мед од различни региони во земјата и да откриваат разни вкусови кои ги претставуваат поднебјата и специфичните билки од кои пчелите собираат полен.

Граѓаните знаат што сакаат и знаат што бараат. Но не се сигурни дали медот е вистински и квалитетен. Со одредени резултати од изпитувања во лаборатории и од искуството што го има пчеларот, неговата презентација во смисла колку години се занимава со пчеларство кое искуство го има позади него ја зголемува довербата кај корисникот дека купува квалитетен мед –  вели Фиданоска.

Купувајте мед од мали локални производители со што го поддржувате пчеларството и инвестирате во нашата природа, порачува Фиданоска. Нејзината мала семејна фирма Macedonian Honey има награда за најдобра европска старт ап компанија во категорија за борба со климатски промени. Компанијата работи на едукација на јавноста за значењето на пчелите, иновации во пчеларството како најновиот изум кошница наречена Elle-Hive која ги намалува трошоците во пчеларењето. Мисијата на компанијата е борба против намалување на пчелите во природата кои се клучни за биодиверзитетот и без кои не би имало живот за човекот на планетата. 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top