„Живеј здраво – Живеј безбедно“ проект за враќање на духот на детските игри

Мобилизација на општеството за борба и ширење на фронтот против пороците и сите негативности, преку проектот „Живеј здраво – Живеј безбедно“. Ова е пораката на организаторите на овој прекрасен настан, кои успеаа на едно место да ги соберат децата од основните училишта, кои пак во еден натпреварувачки дух потсетија на некогашните детски игри.

 |  Билјана Николовска  | 

Денес детскиот џагор го исполни градскиот парк на „Кејот Македонија“.  Учениците од сите основни училишта од Охрид екипно групирани се натпреваруваа во повеќе тимски игри, сијамски близнаци, итрата лисица, жонглирање, петлица, вешт келнер и влечење јаже.  Согласно развојната програма за образование и годинава општина Охрид во соработка со СВР, Црвен Крст, Извиднички одред „Пионер“ , го реализираа проектот „Живеј здраво – Живеј безбедно“. Заменик градоначалникот Ангел Јанев вели дека за пороците како што се алкохолот, дрогата и цигарите постојано се зборува, се одржуваат едукативни работилници за откривање на  причинителите на овие пороци, но смета дека доколку се одржуваат барем еднаш во неделата спортски игри, може да се придонесе за здрави животни стилови.

„Денес овие деца кои се натпреваруваат во природни спортски дисциплини рекоа едно големо „не“, меѓутоа со кажувањето на тоа не тие рекоа едно големо „да“ за повеќе дружење, за поздрава храна заедно со семејството. Ова е порака до родителите за повеќе физички активности со своите деца, повеќе излегување и на крај ветија дека оваа сабота и недела и останатите саботи и недели ќе ги изнесат своите родители заедно да спортуваат и да се дружат бидејќи во умот на децата тоа дружење нема цена“-изјави Ангел Јанев – заменик градоначалник.

„Живеј здраво – Живеј безбедно“ е едукативен проект преку кој ќе се обидеме на младата популација да ги советуваме да кажат не, за сите видови пороци, вели портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

„Упатив честитка на дечињата учесници, бидејќи денес најпрактично ја прикажуваат страната на која се определуваат, тоа е здравиот начин на живот, спортот и на тој начин се определуваат за активна борба против сите пороци. Проектот е замислен, интерактивен пристап и спортски активности, но и во едукативна смисла директно запозанвање на дечињата со сите негативности кои со себе ги носат пороците. Децата треба да знаат за пороците и треба да знаат на кој начин да се отргнат од мрежата на оние кои ги шират пороците и на тој начин да се определат за здравиот начин на живот и за среќата на сопствениот живот“.- вели Стефан Димоски – портпарол на СВР.

Исто така на „Кејот Македонија“ волонтерите од Црвениот Крст презентираа техники за укажување на прва помош при сообраќајни несреќи, предизвикани од страна на лица кои возат во алкохолизирана состојба.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top