Categories
Охрид

Со едукација против Хепатитот Б и Ц

Само со добра едукација ќе го намалиме бројот на заболени од Хепатит Б и Ц, велат членовите на невладината организација „Хепта“. За таа цел организираа кампања која започна од нашиот град. На 19 мај е светскиот ден за борба против оваа болест.

Под мотото „Дали сум јас број дванаесет?“ започна кампањата на невладината организација „Хепта“ со што ќе се одбележи деветнаесети Мај, светскиот ден за борба против Хепатит Б и Ц. Не случајно е избрано ова мото, бидејќи истражувањата покажуваат дека секој дванаесетти жител во светот е заболен од оваа болест. Таа е подмукла болест на црниот дроб бидејќи е асимптоматична. Заболениот може да не чувствува никакви тегоби или тие да бидат општи што не би навеле на оваа болест, вели Д-р Трајковска Ванче, претставник на Хепта од Скопје.

Таа додава дека во светот околу триста и шеесет милиони луѓе се заболени од Хепатит Б, а сто и осумдесет милиони од Хепатит Ц. Во Македонија таа бројка е четириесет илјади, а во Охрид во „Заводот за здравствена заштита“, досега се регистрирани четириесет и двајца од кои петмина веќе се ставени на терапија. Деведесет и седум проценти од заболените се интравенски корисници на дрога, болни кои примале крвни деривати до 1995год, садомазохисти, лица кои често менуваат сексуални партнери, лица кои прават тетоважи и ставаат пирсинзи со нестарилни игли, здравствениот персонал и др. „Хепта“ работи на тоа да ги информира граѓаните и целните групи како да се заштитат од ова болест.

Во Охрид, во лабораторијата на „Здравствен дом“, секој ден од 8 до 15 часот се прават бесплатни тестирања за ова заболување. Царева Рувинова претставник на Хепта од Охрид, кажува дека охриѓани континуирано прават вакви тестирања и се повеќе се рушат табуата околу ова заболување. Кампањата на „Хепта“ ќе биде спроведена во уште три градови во македонија и тоа Скопје, Битола и Струмица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *