Денес прес конференција одржа Сдсм на која се зборуваше околу вчерашните изјави на кандидатот за пратеник од Вмро Дпмне, Анита Кипаризоска Крстеска. Од Сдсм рекоа дека ова ќе биде последен пат да реагираат на изјави дадени од страна на нивните политички противници.
Претседателот на општинската организација на Сдсм, Томислав Чингоски по вчерашнaтa пресс конференција на Вмро Дпмне, на кој госпоѓата Анита Кипаризоска Крстеска изнесе свои коментари во врска со неговото излагање на митингот на коалицијата „Сонце“, денес пред новинарите излезе со своја реакција.
Чингоски имаше забелешки на изјавата дадена од Кипаризоска дека Сдсм го достигнала дното на политичката реторика. Тој вели дека најголемо дно е лагата и ги обвинува припадниците на Вмро Дпмне дека лажат и кога пренесуваат што било кажано од луѓето на Сдсм. Чингоски и денес потенцираше дека останува на ставот оти, Охрид не добил ниту денар од капиталните инвестиции во образованието и културата, а се она што се прави на Плаошник како и поставувањето на камен темелникот на Музејот на вода, според него е само уште еден пропаганден трик на Вмро Дпмне.
Тој се осврна и на обвинувањата од страна на Дпмне дека немаат програма и вели „имаме изборна програма и тоа многу сериозна, а не како нивната која е нереална и само пуста желба“.
Чингоски за митингот на коалиција Сонце рече дека бил најкултурниот и најцивилизираниот митинг досега одржан во Македонија.