Categories
Охрид

Општина Охрид стави потпис на договорите за три еколошки проекти

Со близу 2 милиони денари, државата ќе му помогне на градов во справувањето со некои еколошки проблеми. Општината ги потпиша договорите за трите проекти за Охрид, кои беа одобрени од Министерството за животна средина и просторно планирање. Од министерството најавуваат и понатамошна соработка.

Општина Охрид стави потпис на договорите за три проекти, склучени со Министерството за животна средина и просторно планирање. За изготвување на планот за управување со цврст отпад, министерстото издвои 450.000 денари, за локалниот акционен еколошки план одобри 650.000 денари, а за проектот за санирање на состојбите на реката Грашница, 1 милион денари.

Дејан Паноски, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека средствата одвоени за Грашница ќе бидат доволни само за да се почне со решавање на проблемот со оваа река, која е најголем загадувач на езерото. Доколку парите дадени за овие проекти, бидат домаќински употребени, соработката на општина Охрид и министерството ќе продолжи и понатаму, додава тој.

Министерството за животна средина во иднина ќе го финансира и проектот за “Отстранување на цврстиот отпад од Студенчишкото блато, утврдување на неговите граници и подигнување на јавната свест за значењето на оваа природна реткост“, во што ќе учествува и Македонското лимнолошко друштво.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *