Categories
Охрид

Коалицијата Сонце одржа митинг на градскиот плоштад во Охрид

На граѓаните не им се потребни лажен патриотизам и меѓународна изолација- е дел од обраќањата на вчера одржаниот митинг на градскиот плоштад на Сонце. Коалиција за Европа. Охрид изминатите две години не доби ниту денар од централната власт- ја обвини досегашната влада, Томислав Чингоски, кандидат за пратеник во 5- тата изборна единица.

За 6 месеци НАТО покана и европски преговори, доколку на претстојните избори победи Коалицијата за Европа- им вети Радмила Шеќеринска на охриѓани. Во 2008 година Македонија ќе стане подобро место за живеење, а во 2009 граѓаните ќе патуваат гордо со македонски пасош- рече претседателот на СДСМ и додаде: наша цел е европска Македонија и ние тоа ветување ќе го оствариме.

При тоа, Шеќеринска потенцира дека Коалицијата Сонце ќе ги зачува македонското име и идентитет. „ Ако ги
слушате, на нивните дополнети плоштади, ќе видете дека ги боли ова ветување и ниту еднаш не пропуштаат
да прашаат како“, рече Шеќеринска. „ Нашиот одговор е: без надомест и услуги за возврат, како што во 2005 без нивна помош се вративме од Брисел со кандидатски статус- рече престедателот на СДСМ.

Шеќеринска упати бројни критики до власта дека не исполнила ниту едно ветување и дека граѓаните живеат во поразителна вистина, со зголемени цени и даноци кои секој ден се се поголеми.

Носителот на кандидатската листа во 5 – тата Изборна единица од Коалицијата Сонце, Јани Макрадули, ги обвини Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски и премиерот Груески, дека се виновни што не доаѓаат туристи во Охрид. Според Макрадули, поради политиката на Груески и пукањето во соседната изборна единица, луѓето се плашат да доаѓаат во Македонија. „ Го изолираа Охрид, ја изолираа Македонија“ , рече тој.

Макрадули оцени дека Охрид, во изминатите две години, живее во изолација од страна на централната власт,
затоа што градоначалникот е од редовите на СДСМ. Тој на охриѓани им вети дека доколку победи Коалицијата
Сонце, Охрид ќе добие луксузни хотели и и безкаматни кредити за туристичките работници.

Томислав Чингоски, Претседателот на општинската СДСМ и кандидат за пратеник, ја обвини централната власт, дека и покрај тоа што Министер за финансии е охриѓанец, ниту денар нема дадено за решавање на проблемите во општината. Како што кажа Чингоски, Охрид не доби ниту денар во капиталните инвестиции во образованието, ниту за доградба и поправки на објекти од културата, ниту за водоводи. Сето ова Охрид беше принуден да го прави со средства од локалната каса, рече Чингоски.Пред охриѓани се обратија и лидерот на Нова алтернатива, Ѓорѓи Оровчанец; либералот Стојан Андов и лидерот на ЛДП, Јован Манасиески.

На вчера одржаниот митинг на Сонце. Коалицијата за Европа, на кој присуствуваа неколку илјади граѓани, беа претставени и кандидатите за пратеници од оваа коалиција во 5- тата изборна единица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *