Categories
Македонија

Законот за пушење и во Македонија

Забрана за пушење во сите јавни простории во нашава држава.

Целосна забрана за пушење во болниците, училиштата, канцелариите, железничките станици, аеродромите, автобусите, се дел од новите одредби на Законот за заштита од пушењето, кои го добија собранискиот благослов и кои деновиве треба да се имплементираат во практика. Согласно со законските измени, целосна забрана за пушење треба да има во сите ресторани и барови помали од 40 квадратни метри, додека во поголемите ќе се пуши во специјално направени стаклени кабини со стол и пепелник.

Со измените и дополнувањата на Законот за заштита од пушењето се предвидува забрана за палење цигара во сите јавни институции, а не само во одредени простории, како што беше уредено со истиот закон досега. Задолжени за тоа да го контролираат ќе бидат засилените инспекциски контроли кои ќе може да наплаќаат големи глоби за прекршителите на законот. Со овој закон Македонија е на пат и практично да ја спроведе практиката што ја најавуваат поголем број земји од ЕУ за речиси целосна забрана на пушењето во јавните простории.

Со измените на Законот Пазарниот инспекторат, ќе биде овластен за контрола на Законот за заштита од пушењето во објектите во кои се произведува и продава храна, како и во Интернет-кафулињата и во објектите кои не продаваат прехранбени производи. Надзорот во јавните и приватните здравствени установи, како и градинките и меѓународните превозни средства ќе биде под контрола на Санитарната инспекција, додека Државниот просветен инспекторат ќе контролира како се спроведува законот во јавните и во приватните училишта, ученичките и студентските домови. Трудовата инспекција, пак, ќе го контролира почитувањето на Законот за заштита од пушење во сите органи на државната и на локална управа, како и во јавните превозни средства, местата каде што се организираат спортски и културни настани .

Секое правно лице кое нема да го почитува законот ќе биде казнето со глоба во износ од 2.000 до 4.500 евра, а иста казна ќе заработат и продавниците кои продаваат цигари на лица помали од 16 години и производителите на цигари кои нема да истакнат на кутиите дека пушењето е штетно за здравјето. Казна ќе заработат и оние кои јавно ќе го рекламираат тутунот и неговите производи.
Покрај правниот субјект, казна во висина од 150 до 300 евра ќе заработи и одговорното лице. За граѓаните кои нема да го почитуваат законот се предвидува глоба во висина од 300 евра, а доколку биде фатен со цигара во објектот каде што е забрането пушењето, на самото место ќе биде казнет со 100 евра.

Според анализите на Светската здравствена организација, Македонците се вбројуваат меѓу најстрасните пушачи во светот. Поразителните податоци од анализите на СЗО говорат дека бројот на пушачи во земјава е во пораст, наспроти глобално преовладувачките трендови за намалување на бројот на пушачи. Моментално Македонија е на второ место во Европа според потрошувачката на тутун по жител, а пред нас е само Полска. Над 40 отсто од населението во Македонија се пушачи од возрасната популација, осум до десет проценти од основците, а околу 20 отсто се средношколци и студентска младина, што, под претпоставка ако се пуши по една евтина кутија цигари дневно, која чини 42 денара, значи дека од џебот на потрошувачот се одлеваат 15.330 денари годишно. Кај поскапите цигари и доколку се пушат повеќе кутии, финансискиот трошок е многу поголем.

 

Според неофицијални процени, во Македонија годишно се пушат околу 11.000 тони цигари, или поединечно секој граѓанин пуши околу 5,5 килограми цигари. Земјава е лидер во регионов во пушење по жител, поради што болестите на дишните патишта и на белите дробови се во подем и тоа претставува сериозен здравствен проблем. Најстрасните пушачи се лица на возраст од 35 до 54 години, а загрижува податокот што 17,7 проценти од вкупниот број пушачи се на возраст од 15 до 24 години. Неодамнешните податоци од Глобалното истражување за млади покажа зголемено користење тутун помеѓу девојките во адолесцентниот период во многу земји, а зголемувањето се смета дека се должи на агресивниот маркетинг од тутунската индустрија, кој ги охрабрува потенцијалните корисници да пробаат тутун и да станат долготрајни пушачи.

Паралелно со овој закон се предвидува донесување и измени на Законот за тутун и тутунски производи со кој, покрај текстуално предупредување, на кутиите со цигари треба да бидат отпечатени и слики од болести предизвикани од пушењето.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *