Categories
Македонија

Упис за средно во среда – слободни 12.030 места, незапишани 5.704 ученици

Средните училишта во кои се уште има слободни места за прием на ученици во прва година  за 2008/2009 година, на 20 август  ќе запишуваат кандидати во вториот уписен рок. Резултатите ќе бидат објавени на 21 август.

Во средните училишта во сите општини во Македонија слободни се 12.030 места, од кои 7.579 за настава на македонски јазик, 4.029 за албански, 276 за турски наставен јазик, 68 за настава на српски јазик и 78 места за повторувачи.

Според податоците на Министерството за образование и наука, од 27.200 ученици кои оваа година завршиле осмо одделение, во двете пријавувања во првиот уписен рок (18 и 19 јуни и 1 и 2 јули) во средно се запишале 21.496 ученици. Незапишани останале 5.704 ученици, кои се обврзани да го продолжат образованието зашто од 1 септември средното станува задолжително.
За секој запишан ученик, средните училишта испраќаат информација до основното училиште каде што тој завршил осмо одделение.

За учениците за кои ќе нема информација дека се запишале во средно, основните училишта го информираат Министерството за образование и наука. Законот предвидува казна од 1.000 евра за учениците кои нема да се запишат во средно.

Министерството за оваа учебна година обезбеди 250 милиони денари за учебници за децата од социјално загрозени семејства. Според новиот Закон за  учебници во основното и средното образование,  од идната 2009/2010 година, сите учебници од прво одделение до четврта година средно ќе бидат бесплатни за сите ученици.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *