Categories
Македонија

Од денес уписите за додипломските студии

На државните универзитети во Македонија денес и утре е првиот рок за запишување прва година додипломски студии во 2008/2009 година.

На државните универзитети во Македонија денес и утре е првиот рок за запишување прва година додипломски студии во 2008/2009 година. На четирите државни универзитети има околу 18 и пол илјади места за нови студенти.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има 8.950 слободни места, од кои 4.785 се за редовни студенти во државната квота, 3.400 за редовни студенти со кофинансирање и 765 места за вонредни студенти. На факултетите од областа на техничките и природно-математичките науки слободни се вкупно 3.824 места, за студиите по општествените науки има 3.435 слободни места, за биотехничките науки 878, за медицинските 645 и на факултетите од областа на уметностите има 168 места.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола слободни се 3.391 места, од кои 1.335 за редовни студенти финансирани од државата, 1.225 редовни студенти со кофинансирање и за 831 вонреден студент. Најмногу места според Конкурсот на Битолскиот универзитет има за Техничкиот факултет (870). На Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи кој е отворен од минатата година, за 2008/2009 се распишани 340 слободни места.
На Државниот универзитет во Тетово слободни места има за 3.340 студенти – 1.548 за редовни студенти во државна квота, 1.157 места се за редовни со кофинансирање и 635 за вонредни студенти. Според Конкурсот на ДУТ, најмногу места има за Англиски јазик и литература (220) на Филолошкиот факултет и за Педагогија (200) на Филозофскиот факултет. На насоките на Факултетот за медицински науки има 370 места. Уписот на овој Универзитет е од 25-ти до 28 август.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип слободни се 2.833 места. Од нив 1.715 за редовни во државната квота, 628 редовни со кофинансирање и 490 вонредни студенти. Од сите седум факултети и Високата здравствена школа на овој универзитет, најмногу слободни места (по 550) се резервирани за Економскиот факултет и за Факултетот за информатика, кои имаат дисперзирани студии и во Струмица.

Услов за запишување на државните универзитети е положена државна или меѓународна матура. Основен критериум за селекција на кандидатите е успехот постигнат во средното образование. Од вкупно сто поени, за општиот успех по сите предмети се добиваат максимални 60. Успехот од државната матура се вреднува со најмногу 40 поени, при што за двата екстерни предмета се добиваат најмногу 20 поени, за двата интерни 16 и за проектната задача максимални четири поени.

Рангирањето на кандидатите ќе го прават конкурсни комисии на одделни факултети. На Архитектонскиот, Факултетот за физичка култура и на факултетите од уметностите покрај успехот од средното образование за изборот на кандидатите ќе влијаат и поените добиени од проверката на знаења и умеења. На Педагошкиот и на наставните студиски програми од Природно-математичкиот факултет ќе се врши и претселекција на кандидатите, т.е. проверка на психофизичката способност која не се бодира.
Кандидатите кои државна матура полагаа во август резултатите ќе ги добијат на почетокот на идниот месец. На факултетите каде што ќе останат слободни места тие може да се пријават во  вториот уписен рок, на 15 и 16 септември. По потреба, на универзитетите ќе има и трет уписен рок на 6 октомври

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *