Categories
Македонија

„Топлиот културен бран“ ја зафаќа Mакедонија

Започнува реализацијата на проектот „Топол културен бран“ под палка на Министерството за култура.

Министерството за култура во соработка со голем број национални и локални институции, ансамбли, културно уметнички друштва, фестивали, еминентни уметници во македонската култура денеска почнува со реализација на проектот „Топол културен бран“.
Целта на проектот, кој ќе трае до крајот на идниот месец, е сите граѓани да имаат можност да ги видат програмите на националните институции и останатите програми од национален интерес, финансирани од страна на Министерството.

Програмата ќе биде поделена во два дела и тоа од 16-ти до 30 јули и од 20 август до 1 септември. Ќе бидат опфатени градовите Струмица, Радовиш, Крива Паланка, Делчево, Кичево, Дебар, Гостивар, Велес, Демир Хисар, Кратово, Демир Капија, Македонски брод, Неготино, Берово, Пехчево, Пробиштип, Свети Николе, Валандово, Дојран, Крушево, Струга, Кочани, Кавадарци, Гевгелија, Куманово и Тетово. Завршната манифестација ќе се одржи во Скопје.
Во проектот се опфатени претстави на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар од Скопје, Албанскиот театар од Скопје, Штипскиот, Велешкиот, Прилепскиот театар, МОБ, Танец, изложби на Битолскиот монмартр, Кинотеката на Македонија.
Исто така концерти ќе одржат македонските популарни пејачи Јован Јованов, Александра Пилева, Елвир Мекиќ, Андријана Јаневска, неколку културно-уметнички друштва, како и групите Стринг форсис, Фолтин и Bei the fish. Составен дел од програмата ќе бидат фестивалот на детски песни „Златно славејче“, како и фестивалот на албански детски песни „Виножито“ и Театарот за деца и младинци. 

Планирано е изведбите, доколку овозможуваат временските услови, да бидат под отворено небо, а влезот ќе биде бесплатен. Целосната програма ќе биде објавена во некои електронски и печатени медиуми.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *