Здравство

Серија оставки од морални причини за пожарот во Тетово

Од морални причини оставка поднесоа министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, како и двајцата директори на болницата Фљорин Бесими и Артан Етеми. Истрагата за причините за несреќата се уште е во тек.
Пожар во болницата во Тетово

Од морални причини оставка по пожарот во ковид болницата во Тетово поднесоа министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, како и двајцата директори на болницата Фљорин Бесими и Артан Етеми. Во пожарот животот го загубија 14 лица, од кои 12 пациенти, а истрагата за причините за несреќата се уште е во тек.

Филипче на кратка прес- конференција во Владата порача дека од денот на почетокот на пандемијата до денес пред граѓаните секогаш стоел транспарентно соопштувајќи ги и добрите и лошите вести, а притоа никогаш не бегал од критика и не останал должен на одговор. Никогаш, како што истакна не се откажал од битката да се победи пандемијата и сите одлуки биле донесени со една цел да се заштити здравјето на граѓаните.

„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди многу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства. Нема зборови што тоа може да го опишат ниту пак начин да се надомести загубата. Почитувани како лекар и министер имаме интегритет затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев.“ – порача Филипче на прес-конференција во Владата.

Заменик министерот за здравство Хасани порача дека оставката е чин кој треба да го направи во моментот.

Во овие моменти толку тешки за сите нас, поднесувам оставка како највисок морален чин. И покрај фактот дека немам ништо со процедурите за градењето на модуларна болница, иако немам никаква врска со организацискиот дел, оставката е чин за кој сметам дека треба да го направам во моментов, и со тоа да ги почитувам жртвите, повредените , јавноста и најмногу себе. Нема ништо над достоинството.“ – напиша Хасани.

Директорот на Клиничката болница Тетово, Фљорин Бесими истакна дека чувствува морална и етичка одговорност од страшниот настан во кој згаснаа човечки животи и дека функцијата на е над достоинството.

„Почитувани, со голема тага за секоја жртва и за секој член на нивното семејство, Ве информирам дека, поради оваа морална одговорност која ја чуствувам, давам оставка од раководното место директор на Клиничката болница Тетово. После овој трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна.“ – напиша Бесими на Фејсбук.

На Бесими се надоврза и неговиот колега, економскиот директор на болницата Етеми.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека дејствијата кои ги преземаат петтемина обвинители за утврдување на причината за настанување на пожарот во модуларната ковид болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, во континуитет продолжуваат.

Од ОЈО посочуваат дека биле донесени наредби за вршење на судско-медицинска обдукција и идентификација на телата на починатите до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицински факултет во Скопје.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top