Музејот за тутун во Прилеп првпат ќе добие каталог во кој со слика и текст ќе бидат опишани сите експонати од богатата колекција.

Проектот со 500.000 денари го финансира Министерството за култура. Каталогот наменет за туристите ќе изгледа луксузно со користење на современи материјали во изготвувањето – златовез и втисната фолија. Ќе биде двојазичен, на македонски и на англиски, а можеби ќе биде и на француски, вели Александар Цветкоски, кустос од Прилепскиот музеј.

Секој експонат во Музејот има своја приказна зашто голем дел лулиња, бурмутници и други предмети припаѓале на историски личности. Во каталогот ќе биде објавена и содржина за историјатот за тутунот откако влегол во Македонија, како и за изградбата на првиот камен магацин за тутун во Прилеп.

Музејот за тутун располага со повеќе збирки. Најбитна е збирката со околу 900 предмети за уживање на тутунот од злато сребро, килибар, токарени коски. Ја поседува и најбогата збирка на Балканот од преку 600 каширани фотографии, а тука се и ретките книги како што е „Табакологијата“ од Неандер од 1626 година. Уште еден примерок од оваа книга има само во Ватикан.

Музејот интензивно ќе се работи на промоцијата како туристичка атракција со воведување Ден на тутунот.
Тешко е да се одреди вредноста на ретката колекција. Но, се знае дека од 1972 до 1978 година се потрошени околу шест милиони евра од повеќе земји да се набават вредните експонати, објаснува кустосот Цветкоски.

Каталогот на Музејот за тутун ќе има 100 страници со 150 фотографии. Цената ќе биде околу 25 евра и ќе излезе до крајот на годинава. Посебно ќе се испечатат и 4.000 каталошки листови за посетителите да имаат сознанија за богатата збирка на Музејот, еден од ретките во Европа.

 

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: