Categories
Македонија

За плаќање во девизи казна од 7.000 евра

Ако наместо во денари плаќате во девизи, очекувајте казна од 5-7 000 евра.

Ако производите и услугите што ги добивате во продавници, ресторани, кафеани, пазари, болници, аптеки… ги платите во евра или во друга странска валута, може да бидете казнети со глоба од 5.000 до 7.000 евра во денарска противвредност. За истото дело е предвидена и кривична казна од шест месеци до пет години затвор.

Овие казни, важат веќе две недели откако Собранието во почетокот на месецов ги усвои измените во Законот за девизното работење. Тие се однесуваат и на лицата што плаќаат, но и на тие што наплаќаат во друга, а не во домашната валута. Плаќање во друга валута освен официјалната, денарот, е кривично дело што претходно беше санкционирано со кривична одговорност, односно затвор. Но тоа не е делотворно, а обемот на девизи што во платниот промет влегуваат на овој начин не се намали. Ова е еден од начините да се утврди реалниот износ на приватните девизни трансфери, во кои влегуваат и овие плаќања, а по својата суштина не припаѓаат таму.

Со оваа мерка во Министерството сакаат да го намалат паралелниот систем на девизните плаќања, кои од осамостојувањето на Македонија никако да се намалат.
Значаен дел од плаќањата во девизи во земјава се и од прометот што го прават туристите, иселениците и посетителите од соседните држави. И овие средства влегуваат во приватните девизни трансфери.

Македонските иселеници што летово престојуваат во посета на родниот град избегнуваат да плаќаат во девизи.

Странците се жалат што менувачниците лете работат до 20 часот, па не можат подоцна да разменат пари и биле принудени да плаќаат во евра или во долари.
Економистите се согласуваат дека граѓаните мора да го почитуваат домашното платежно средство, но сметаат дека од плаќањето во девизи државата не трпи финансиска штета.
Во Министерството за финансии објаснуваат дека новите казни предвидени во Законот за девизното работење се начин и за да ја демистифицираат содржината на приватните девизни трансфери.

Иако веќе подолго време годишниот обем на приватни трансфери се зголемува, Народната банка на Македонија и Министерството за финансии не успеваат да утврдат колкав дел од нив се помош од нашите печалбари. Од рака не им оди ниту намалувањето на сумата што во Македонија влегува по неформални канали. Поради тоа, НБМ дел од парите од менувачкото работење ги објаснува како девизен прилив што доаѓа од нашите иселеници или од привремено вработените во странство. Овие средства, пак, се проценуваат на околу 40 отсто од домашниот бруто-производ, колку што е и формалната процена на Светската банка за висината на сивата економија во Македонија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *