Владата и Олимпискиот комитет на Грција упатија протест до Организацискиот комитет на Летните олимписки игри во Пекинг поради користењето на зборовите Македонија и Македонци при официјалното претставување на спортистите од Република Македонија.
Според изјавите од Македонскиот олимписки комитет Кина не планирала да ја промени одлуката македонскиоте спортисти во Пекинг да бидат најавувани и претставувани со уставното име. Грција бара да не се користи кратенката МКД која што официјално се употребува во Меѓународниот олимписки комитет, туку да биде заменета со ФИРОМ.

Шефицата на грчката дипломатија, Дора Бакојани, вчера во Пекинг го посети главниот Прес-центар во својство на претставник на грчката влада на 29. Олимписки игри. Видно расположена, министерката разговарала со акредитираните уредници и спортски новинари. Разговорот и прашањата не останале само во сферата на спортот туку се фокусирале и на „скопското прашање“.

„По грешка на Организацискиот комитет, вчера на официјалниот веб-сајт на Игрите спортистите на ФИРОМ беа наречени Македонци и тоа на официјалниот влез на Олимпиското село“, изјавија грчките медиуми. Бакојани околу тоа изјавила: „Ние сме во еден чуден период со Скопје. Ги презедовме сите неопходни акции и на политичко и на спортско ниво и доколку Скопје излезе од таа рамка, тогаш треба да се осигураме дека ќе се следат соодветните процедури на Меѓународниот олимписки комитет“, пишува грчката агенција АНА. Исто така, било изнесено дека грчката страна нема да го заостри тонот без посериозна причина. „Ние сме сериозна земја која беше успешен домаќин на претходните Олимписки игри и нема да се занимаваме со нешто што е на работ да се смета за смешно“, додала таа. „Генерално, постои силен тренд за провокација, но нема да дозволиме да западнеме во замка. Името со кое ФИРОМ ќе се појави на церемонијата на отворањето е регистрирано во Меѓународниот олимписки комитет како што беше случај и на Олимписките игри во Атина и во Сиднеј“, додала Бакојани. „Знаеме дека во време кога се одржуваат големи спортски настани многу сме чувствителни во врска со она што ќе го направи Скопје, но немаме никакви намери да предизвикуваме“, вели таа.

Во еден момент, како што јавува АНА, министерката изјавила: „Доста со тоа (скопското прашање). Сега вие кажете ми колку медали ќе освојат грчките спортисти“, ги прашала министерката акредитираните новинари. Притоа, некој ја потсетил дека најкомпетентен да одговори на ова прашање би бил нејзиниот сопруг и водач на грчката делегација во Пекинг, Исидорос Кувелос. „Како да не, јас прашав, но не добив одговор на прашањето“, одговори министерката.

Еден ден порано грчките дипломати и спортски работници го иницираа ова прашање пред организаторите во Пекинг откако официјалниот веб-сајт БОГОК ги именуваше спортистите од Македонија со Македонци при нивното доаѓање во Олимпиското село.

Со слична реакција излезе и претседателот на Грчкиот олимписки комитет, Минос Киријакос, барајќи Меѓународниот олимписки комитет да не го користи името Република Македонија туку „ПЈРМ“.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: