Categories
Македонија

Концерт на Борис Трајанов, Инва Мула и Александар Стеваноски на „Охридско лето“

Во Античкиот театар во Охрид во петок, во рамки на Охридско лето ќе настапат: сопранот од Албанија Инва Мула и оперските пејачи од Македонија – баритонот Борис Трајанов и басот Александар Стеваноски. Вторпат годинава, на 48. издание на фестивалот, ќе настапи и Македонската филхармонија под диригентство на Франческо Роса од Италија, кој од 2004 година е постојан диригент во Операта во Неапол.
Солистите Мула и Стефановски ќе пеат на покана на Трајанов. Тој вчера на прес-конференција во Скопје рече дека Мула ја запознал во 2001 година и дека ја избрал да гостува на концертот зашто ја смета за личност со големи човечки и професионални квалитети.   
Инва Мула, својот нтернационален пробив го имала по добивањето на првата награда на натпреварот „Пласидо Доминго” во 1993 година. Оттогаш таа настапува заедно со овој познат тенор на сите светски оперски центри, меѓу кои и во миланската Скала и Метрополитен во Њујорк. Во филмот „Петтиот елемент“ таа го позајми гласот за улогата на оперската Дива. Мула живее во Франција. Таа вчера не присуствуваше на прес-конференцијата, а се очекува во Македонија да пристигне ден пред концертот.

Александар Стеваноски е дипломец на Музичка академија во Бугарија. – Големо задоволство ми е што на 26 години имам можност да пеам со вакви големи уметници, рече Стефановски, кој Мула не ја познава, а со Трајанов соработува веќе две и пол години. Тројцата солисти во придружба на оркестарот на Филхармонијата ќе изведат арии, дуети и увертири од класични оперски дела на Верди, Пучини и Росини.
Специјални гостинки на концертот на 8 август се две оперски примадони – Бисерка Цвеиќ, професорка на Борис Трајанов во Белград, и Милка Ефтимова, професорка на Александар Стеваноски.

Селекторката на музичката програма на Охридско лето, Гордана Јосифовска-Неделкова по повод роденденот на најзначајната музичко-сценска манифестација во земјава, се осврна на историјатот.

„Охридско лето силно се утврди како еден од стожерите на македонската културна традиција“,-  рече Јосифовска-Неделкова.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *