Одбраната на Јохан Тарчуловски најдоцна до утре, кога истекува крајниот рок, ќе поднесе жалба на пресудата на Судскиот совет на Хашкиот трибунал. Судот во Хаг го одби барањето на одбраната за продолжување на рокот за поднесување на жалбата.

Адвокатот на Тарчуловски, Антонио Апостолски кој е во Хаг, потврди дека жалбата e подготвена и ќе биде доставена до судот во определениот рок. Таа опфаќа 15 точки и 15 жалбени наводи, опфатена е целата пресуда, по речиси сите нејзини точки.

Одбраната ќе се жали на погрешна примена на материјалното право и на погрешно утврдување на фактичката состојба. По поднесувањето на жалбата, адвокатите треба да ја образложат пред судиите во рок од 75 дена. До конечната одлука по жалбата Јохан Тарчуловски останува во притворот во Шевенинген.
Во меѓувреме, жалба, но на ослободителната пресуда за Љубе Бошкоски, до Трибуналот поднесе обвинителството.

Жалбата на обвинителството се темели на член 7 став 3, од статутот на Трибуналот, кој предвидува одговорност за сите кои нема да ги преземат потребни мерки за казнување на подредените кои извршиле злосторства.

Бошкоски, според наводите во жалбата на обвинителството, како претпоставен не ги казнил своите подредени, и затоа мора да се смета за одговорен. Обвинителството бара од судот да го прогласи за виновен по сите три точки од обвинението, без да наведе колкава казна бара.
Љубе Бошкоски беше ослободен по сите точки на обвиненијата, а Јохан Тарчуловски осуден на 12 години затвор.

 

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: