Categories
Македонија

Груевски гневен, Црвенковски пред импичмент

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ незадоволна од одлуката на шефот на државата за аболиција на Заев.

Силен политички земјотрес ja тресе државава, откако изминатиов викенд се случи давањето аболиција на Зоран Заев од претседателот Бранко Црвенковски. Следува гневната реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ по одбивањето шефот на државата да потпише неколку закони што Владата ги протна во парламентот набрзина, дејствиа кои заедно може да резултираат со импичмент на претседателот Црвенковски.
 
Каква ќе биде пеколната завршница може само да се претпостави. Во саботата доцна навечер владејачката ВМРО-ДПМНЕ во налет на силни емоции го обвини Црвенковски дека извршил „двоен државен удар“ со своите одлуки за аболиција на Заев и со непотпишувањето на шесте закони. Огласувајќи се и вчера, портпаролот Александар Бичиклиски рече дека Црвенковски намерно создава политичка криза и ја кочи борбата на Владата против корупцијата и криминалот.

Впечаток е дека по јавно соопштената одлука на Црвенковски да не се кандидира за уште еден мандат, политичката игра во земјава почна да се игра според погруби правила. Прашањата што висат во јавноста се што сакал Црвенковски да постигне со ослободувањето на Заев, бидејќи по аболицијата станува јасно дека лидерските шанси на Заев се намалуваат и какви чекори ќе преземе Груевски, кому Црвенковски му ја одзеде шансата за собирање политички поени врз грбот на струмичкиот градоначалник.

Политичките аналитичари од земјава предвидуваат продлабочување на кризата во односите меѓу претседателот и Владата. Вчерашното соопштение на Министерството за правда пак, индиректно е во правец на тоа дека Црвенковски го прекршил Уставот со давањето аболиција на Заев. Дали тоа е вовед во барањето до Уставниот суд на Македонија да се произнесе дали шефот на државата навистина го прекршил Уставот и треба да му биде одземена функцијата?

Владиното мнозинство од 82 пратеници има политичка моќ да поведе постапка во парламентот за утврдување одговорност на Црвенковски или популарно наречениот импичмент. Според чл. 87 од Уставот, за одговорноста потоа одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство, при што ако се случи тоа, функцијата на претседателот му престанува по сила на Уставот.

Но, сите се свесни дека тоа е непосакувано сценарио со оглед на политичкиот момент во кој се наоѓа земјава иако, пак, досегашната практика покажа дека нашите „врвни“ мајстори на политиката се раководат од сопствените или од теснопартиските интереси, а не од интересите на државата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *