Categories
Македонија

Црвенкоски и Вељаноски конечно се договорија околу донесувањето на законите

Претседателот на државата Бранко Црвенковски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на вчерашната средба ги усогласија ставовите во врска со донесувањето на законите во Парламентот и нивното стапување во сила.

Како што соопштија кабинетите на шефот на државата и на Парламентот, претседателот Црвенковски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, на денешната средба констатирале дека настанатиот спор околу постапката за прогласување на закони, се појавува поради правните празнини и недоречености и досегашните неистоветни постапувања на Парламентот и на претседателите на државата.

Црвенковски и Вељаноски укажуваат на потребата постојните правни празнини и недоречености во постапката што поскоро и на соодветен начин да бидат дополнети и допрецизирани за да се утврди поединечниот рок во кој претседателот на Републиката е должен писмено да се произнесе доколку не е согласен да прогласи закон и поединечниот рок во кој претседателот на Собранието е должен да го потпише указот за прогласување и да го достави до претседателот на Републиката за потпишување.

Имајќи ги во предвид одредбите на Уставот и Деловникот на Собранието како и потребата од непречено функционирање на институциите, продуктивниот институционален дијалог и добрите парламентарни обичаи, двајцата изразија согласност за потпишување, прогласување и објавување во „Службен весник на Република Македонија“ на 52-та повторно изгласани закони, а за предлозите на петте спорни закони за кои нема согласност од претседателот на државата, повторно да се произнесе Собранието во постапка во која се донесени на првата наредна редовно свикана седница.

Согласно член 52 став 2 од Уставот на Република Македонија законите се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија, најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Согласно овој уставен рок, членот 75 од Уставот и членот 173 од Деловникот на Собранието, претседателот на Собранието ќе продолжи веднаш да ги потпишува и доставува до претседателот на Републиката указите за прогласување на законите, истиот ден кога се донесени.

Во рамки на наведениот уставен рок од седум дена од денот кога на шефот на државата ќе му бидат доставени законите, тој постапува со потпишување укази за прогласување на законите или со писмено произнесување доколку не е согласен со донесените закони, стои во соопштението потпишано од кабинетите на претседателот Бранко Црвенковски и на претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *