Categories
Македонија

Четврта светска средба на децата бегалци од Егејска Македонија шеесет години, после егзодусот

По повод 60-годишнината од егзодусот на 28.000 македонски деца за време на граѓанската војна во Грција во Скопје ќе се одржи четвртата Светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.

По повод 60-годишнината од егзодусот на 28.000 македонски деца за време на граѓанската војна во Грција во Скопје ќе се одржи четвртата Светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.

Манифестацијата ќе биде отворена со свечен собир што ќе започне напладне во салата „Борис Трајковски“, на кој обраќање, во име на покровителите – Собранието и Владата на Македонија, ќе има претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски. Своето присуство го најави и претседателот на државата Бранко Црвенковски.

Од собирот ќе биде испратена и декларација до меѓународната јавност со барање за остварување на нивните човекови права и слободи. По собирот предвидено е делегации од учесниците да положат цвеќе на споменикот на „Децата бегалци“, на гробот на Гоце Делчев, на борците од НОБ и на споменикот на Крсте Мисирков. Утре во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи и панихида во спомен на загинатите и починатите учесници во Антифашистичката и во граѓанската војна.  

На собирот се очекува да присуствуваат околу 6.000 учесници од повеќе земји во светот, меѓу кои од Канада, САД, Австралија, од Полска, Чешка, Романија и Унгарија, како и гости од македонските организации од соседна Грција, Албанија и Бугарија.

Во рамки на четирите дена предвидена е богата програма која вклучува изложба на фотографии од досега одржаните средби на децата бегалци, научен симпозиум во МАНУ со презентација на 15-тина научни трудови посветени на граѓанската војна и на прогонот на децата, изложба на книги со тематика од Егејска Македонија, поетска вечер и промоција на книгата „Песни за Егеј“- антологиска збирка подготвена по повод Светската средба, ликовна изложба во КИЦ „60 години Погром“ на која ќе биде промовирана и монографија со дела на автори од егејскиот дел на Македонија. Учесниците в недела ќе го посетат манастирот во Лешок. Во киното „Милениум“ ќе биде промовиран и документарниот филм „Инконтинуо“, кој е подготвен од сите документарни филмови создадени во периодот меѓу 1948 година и во текот на педесетите години за децата бегалци.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *