Царинската управа доби современа лабораториска опрема вредна 538.000 евра, донирана од Европската комисија преку КАРДС програмата.

Опремата е инсталирана во просториите на Природно математички факултет – Институт за хемија при Скопскиот универзитет. Кон крајот на август планирано е да започне обуката за користење на новата опрема, а кон средината на септември се очекува лабораторијата да биде комплетно функционална.

Царинската управа соопшти дека функционирањето на лабораторијата е од големо значење, пред се заради правилно распоредување на стоката според Законот за царинска тарифа, односно правилно определување на царинската стапка, точно определување на царинските давачки, како и детектирање на стока чиј увоз е забранет (наркотични средства и психотропни супстанции, стока која влијае на животната средина и слично).

Новата царинска лабораторија се формира со воспоставување на деловно-техничка соработка меѓу Царинската управа и Природно-математичкиот факултет – Институт за хемија. Договорот за деловно-техничка соработка го потпишаа директорот на Царинската управа и деканот на Природно-математичкиот факултет.

Според договорот, царинската лабораторија ќе работи во просториите на ПМФ – Институт за хемија, а анализите ќе ги врши заеднички стручен тим составен од научно-истражувачкиот кадар од Институтот за хемија и вработените во Службата за царинска лабораторија при Царинската управа.

Во иднина, како што се наведува во соопштението од Царинската управа, се планира и меѓународна акредитација на лабораторијата, со цел лабораторијата да биде една од водечките во Република Македонија.

 

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: