Надлежните тврдат дека во Македонија редовно се вршат контроли на квалитетот на воздухот. Министерството за животна средина, во соработка со странски експерти, подготви мерки со кои дополнително ќе се намалува степенот на загаденост на воздухот.
Жителите на Македонија дишат чист и незагаден воздух. Исклучок од тоа се неколкуте индустриски зони. Ова го покажуваат мерењата на квалитетот на воздухот, за кои надлежните тврдат, дека редовно се вршат.
Со цел да се подобри квалитетот на воздухот, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со странски експерти, изработи дополнителни мерки и санкции. Тие се содржани во заедничкиот проект, чиј завршен состанок се одржа денес. „ Имаме лоцирано места каде загадувањето на воздухот е поголемо, пред се тоа се индустриските зони “- вели Дејан Паноски, Државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.
„ Очекуваме со овој проект да се намали степенот на загадување. Мерките и резултатите до сега покажуваат дека само во одредени дена има минимално покачување на концентрациите над дозволеното “.
Странските експерти со пофалби за напорите кои Македонија ги прави во оваа област. Хари Гјетерла, Лидер на проектот од Финска, изјави: „ Македонија има направено многу, но треба уште да се направи. Ова е само еден чекор за подобрување на квалитетот. Со овој проект ќе се подобри квалитетот и мониторингот и ќе се изнјдат начини за подобрување на квалиттетот, како и да се намали загадувањето за тоа да не предизвика поголеми последици врз здравјето на луѓето“, рече Гјетерла.
Проектот „ Подобрување на квалитетот на воздухот“ во Македонија е првиот во областа на животната средина во Македонија и на Балканот. Во овој проект, освен македонија учествуваат Финска и Австрија. Финансиран е во рамки на КАРДС 2005 програмата на Европската унија, а управуван од страна на Европската агенција за реконструкција.