Се е подготвено за 28то издание на „Поетската ноќ во Велестово“

Со портретот на поетот Санде Стојчески и ликовната изложба на Стефан Хаџи Николов, ќе започне оваа мала но строга антологија на македонското поетско творештво и македонското сликарство. Втората вечер од манифестацијата пак, е посветена на ирската поезија, како и на промоцијата на книгата на Климе Дулески, насловена „Сеќавања“.

 |   | 

Охридско Велестово утревечер повторно ќе биде собиралиштето на македонските и светските поети и сликари, како и на сите вљубеници во поезијата и уметноста. Првата вечер е посветена на македонскиот реномиран поет Санде Стојчески, а стиховите на поетот ќе бидат читани од страна на тетатарската група „Аматер“. Првата вечер со мал концерт ќе ја отвори охридскиот хармоникаш Петар Кочовски. Исто така, во рамките на манифестацијата, на тремот на црквата Успение на Св.Богородица во Велестово, ќе биде отворена и ликовната изложба на академскиот сликар Стефан Хаџи Николов.

„Низ нејзините рамки поминале најеминентните, најпознатите, а некои и вистинска класика од македонски поети и сликари, со што и самата манифестација си обезбеди еден цврст корен“ вели претседателот на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, Славе Ѓорго Димоски.

За творештвото на поетот Санде Стојчески ќе беседи професор доктор Зоран Анчески. Проф. Д-р. Анчески вели дека често е гостин на оваа манифестација, додавајќи дека вистинска чест е да се држи беседа за еден од најеминентните македонски современи поети.

„Поет којшто не престанал до ден денес да ја разгатнува тајната на поетскиот збор на творештвото воопшто, на уметничката вредност на поезијата, поет кој со своите полемички текстови, со благороден тон ги довршува своите расправи за поезијата со поголем број критичари од негов ранг“, објаснува Проф. Д-р. Зоран Анчески.

Втората вечер од манифестацијата пак е посветена на современата ирска поезија, па така со своите дела ќе се претстават четворица ирски поети, Џери Марфи, Патрик Котер, Били Рамзел и Алва ни Гиарвуи, чиишто дела се дел од книгата „Избор од современата ирска поезија“, дело публикувано во Македонија.

„Ова е моја трета посета на Македонија и секогаш е убаво да се види и да се потсетиме на тоа колку сме добро пречекани и колку добро е прифатена тука нашата поезија, но и за тоа колку оваа манифестација буди интерес кај медиумите. Нешто што навистина помага да се прошири ирската поетска реч насекаде. Кога ќе се вратиме назад, на сите ќе ја раскажеме приказната за Охрид и велестово за тоа какви прекрасни места се и колку би било убаво дас е посетат повторно“ потенцира ирскиот поет, Патрик Котер.

Втората вечер од манифестацијата е резервирана и за промоција на книгата на Климе Дулески, насловена како „Сеќавања“, книга посветена на селото Велестово во која се пренесени сеќавањата на предците на авторот Дулески за селото. Манифестацијата ќе заврши во понеделник со поетското пладне, и читањето поезија и на македонските и на ирските поети во НУ библиотеката „Григор Прличев“.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top